Славески за КУРИР: Нејасно зошто СДСМ жестоко се спротивставува на предлогот за уплаќање на придонесите од приватните фондови кон ФПИОМ

Универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии Трајко Славески во изјава за КУРИР вели дека како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ предлага почнувајќи од март оваа година делот од придонесот за…

Универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии Трајко Славески во изјава за КУРИР вели дека како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ предлага почнувајќи од март оваа година делот од придонесот за пензиско-инвалидско осигурување кој се насочува кон едно од трите пензиски друштва за капитално финансирано пензиско осигурување (приватни пензиски фондови), одреден временски период додека трае кризата и последиците од неа да се уплаќа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ).

-Оваа поддршка му е неопходна на државниот пензиски фонд со оглед на тоа што речиси 100% од пензиите на тековните пензионери се исплаќаат од овој фонд и дури и во нормални околности недостигот на средства државата го надополнува со трансфери од државниот буџет. Значи, не станува збор за некакво зафаќање на средства на осигурениците кои се акумулирани на нивните сметки кај приватните пензиски друштва, како што сака да манипулира власта и медиумите под нивна закрила. Дури може да се размислува во иднина, кога ќе се стабилизираат состојбите, осигурениците да се компензираат за висината на овие средства кои времено ќе се пренасочат кон ФПИОМ за непречена и навремена исплата на пензиите, потенцира Славески.

Тој потсетува дека ваквата практика не е невообичаена кај земјите кои имаат задолжителен втор пензиски столб како и нашиот.

-По глобалната финансиска и економска криза од 2007-2009 низа земји од Централна и Источна Европа интервенираа на три начини: Естонија целосно ја суспендираше уплатата во приватните фондови на 18 месеци, а потоа продолжи со уплата со значително пониска стапка од таа пред кризата; Латвија и Словачка драстично ги намалија стапките според кои се алиментираа приватните фондови – Латвија ја симна од 8 на 2% во 2009, и така ја држеше сѐ до 2013 година, кога почна да ја зголемува за по еден процентен поен годишно, за во 2016 година да достигне 6%; додека Унгарија и Полска целосно или делумно ги национализираа приватните фондови – Унгарија 100%, а Полска околу 70%. Овие земји не извршија никаква компензација за средствата на осигурениците чиишто средства беа пренасочени од нивните сметки кај приватните, во државниот пензиски фонд, вели Славески.

Тој исто така потенцира дека може со сигурност да се очекува дека земјите од Централна и Источна Европа (а тоа се земјите кои под притисок на Светска банка го воведоа вториот столб во услови на незавршена сопствена транзиција во текот на првата декада од овој век) ќе постапат слично, ако не и подрастично и сега, во деновите и месеците кои ни претстојат, заради ублажување на последиците од колабирањето на нивните буџети и тешкотиите со кои се сочуваат нивните државни пензиски фондови при исплатата на пензиите. И ова е сосема легитимно! Еве, на пример, се очекува во наредните неколку денови парламентот на една од најнапредните поранешни социјалистички земји, Естонија, да изгласа закон во оваа насока. Предлог-законот ја има поддршката на премиерот Ратас, за што нашата јавност е веќе информирана. Овој закон предвидува стопирање на исплатите на делот од придонесот за пензиско и инвалидско осигурување во износ од 4% во периодот од 1 јули 2020. до 31 август наредната, 2021 година. За овие средства не е предвидена никаква компензација за осигурениците во приватните пензиски фондови во иднина. Покрај ова, осигурениците доброволно уплаќаат уште по 2% од платата во приватните фондови. Сега им се дава опција да изберат дали ќе продолжат со тие уплати или не. Ако продолжат со уплатите, државата и овие 2% од придонесот ќе ги пренасочи во државниот фонд, со таа разлика што во иднина ќе им ги компензира на осигурениците, значи, единствено овие 2% доброволно уплаќани средства, додава Славески.

Славески очекува многу скоро овој пример да го следат и други земји кои имаат слични пензиски системи.

-За мене е нејасно зошто владејачкиот СДСМ жестоко се спротивставува на овој предлог кој доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кога подеднакво и оди во прилог и на власта, а  и на граѓаните на Македонија кои секојдневно се бомбардирани со цифри за значителен недостиг на средства во државниот буџет. Некако ситуацијата би требало да биде сосема обратна – власта да предлага ваква мерка, а опозицијата да се противи! Сепак, очекувам дека владејачката СДСМ ќе нема друг избор освен да го прифати овој разумен предлог кој не може да се одбие. Задолжувањето од надвор станува од ден на ден сѐ понеизвесно и поскапо, а брзо ќе дојде денот за исплата на пензиите за април, завршува на крај Славески во изјавата за КУРИР.


Related Articles