Деновиве по социјалните мрежи наидовме на коментари и сведоштва на луѓе кои по нивното пристигнување во Македонија се сместени во карантин обезбеден од државата. Тие се ужаснати од условите во кои се наоѓаат, но и од начинот на третман кој како што го опишуваат наликува на однос кон криминалци.
-Не третираа како да сме некои криминалци или жариште на болести, како да сме сите болни, никој не сакаше ни оддалеку да разговара со нас. Што сме ние за нашата држава? – пишува Маја Наков на социјалните мрежи.
-Карантин во хотел во Охрид, тројца во една соба со два кревета?! Да да, баш така… Без да ти обезбеди основни услови за изолација од ваков тип нашата татковина насилнички ќе ни објасни како се прави тоа. – пишува Александар Менков.
Една од бројните Македонци кои го живеат 14 дневниот државен карантин е и Душица Милевска која ја раскажува својата голгота за нејзиното пристигнување во родниот крај, но и нејзиното искуство во еден од хотелите на Попова Шапка. Недезинфицирано, стари и неиспрани постелнини, мравки во собите, прашина до гуша, поплавено купатило, се само дел од мизерните услови со кои се соочуваат затекнатите Македонци.
Освен за “ужасните” услови како што ги нарекува Милевска, таа се пожали и за тоа дека во двокреветни соби се сместувале и по повеќе луѓе – што е спротивно од препораките. Таа се спротивставила и одбила да биде сместена во соба со непознати луѓе, па од надлежните таму добила одговор за подобри услови да си бара “врски” од владата.
Милевска не е единствената која се жали од ваквиот начин на третман кој го обезбедува државата. Социјалните мрежи вријат за лошите услови во државниот карантин.
-Дојдовме во хотелов „карантин“, каде се уште никој не ни проверил температура или нè тестирал или ни ги погледнал лекарските уверенија од бродските. Ни дадоа соби, некои по двајца, некои по тројца во соба како на екскурзија, а не во карантин.” – пишува на фејсбук велешанецот Бошко Јованов.
Откако почна кризата, а земјите во Европа и регионот ги затворија границите, со помош на МНР во земјава се вратиле околу 4.500 граѓани.