Според најновиот извештај на Институтот за Јавно Здравје Скопје, во периодот од 5 до 10 октомври е забележано зголемување за 86.5% на бројот на заболени лица од Ковид-19 во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.243 нови позитивни случаи од 33 градови во државата. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49, 20-29, над 60 и 50-59. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 и 10-19 години. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1090 лица од женски и 1153 од машки пол, пишува во соопштението на Институтот за Јавно Здравје.
Во однос на бројот на починати пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.
Во споменатиот период од случаите кои се епидемиолошки истражени, регистрирани се 94 (7,1%) хоспитализирани, а кај 319 (23,7%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6%) лица со историја на патување (во последни 14 дена).