Расте бројот на возрасни пациенти на кои им е потребна помош за да им се подобри или да им се врати гласот, вели Станислава Антевска, логопед од Заводот за слух, говор и глас во Скопје.  Иако општиот став е дека логопеди им се потребни најмногу на децата, искуството покажува дека „модерните“ болести сѐ повеќе напаѓаат млади луѓе, кога се во полна животна сила – го губат и говорот, а бројот на логопеди што треба да им помогнат е недоволен.

Во последните десетина години, бројот е прилично зголемен, како на пациенти со мозочни удари и, за жал, (ако порано беа над 50 години) сега се на 30-40 години, така и на карцином на ларингс , кој оваа година го има повеќе кај мажи на 30, 35 години (и овде границата порано беше над 50 години), и затоа проблемот е многу посложен. Комплетно се опфаќаат гласните жици, ларингсот (гркланот) и процесот на рехабилитација трае многу подолго. Кај помладите пациенти, иако се мисли дека побрзо оди рехабилитацијата, сведоци сме на обратен процес. Оздравувањето оди побавно бидејќи тука доаѓа и до психичкиот момент – психички не се спремни да се најдат во таква ситуација. Повозрасните пациенти полесно ја прифаќаат нивната нова состојба и кај нив полесно се доаѓа до успех.

Дали ќе имаат говор каков што имале претходно, и тука психолошкиот момент е многу значаен. Пациентот се судира со проблем дали повторно ќе прозбори и каков ќе биде неговиот говор. Кога ќе им објасниме дека тоа нема да е говорот што го имале до вчера, дека е нов вид комуникација и дека мора да се приспособат на тоа, доаѓа до проблем, сами се преиспитуваат дали да почнат да вежбаат или не. Ако одлучат да доаѓаат на третмани, успехот е индивидуален и зависи од возраста, од мотивираноста на пациентот, од здравствената способност…

Каков вид вежби се прават, по колку пати неделно?

Колку побрзо се почне со терапијата, толку побргу. На почетокот одиме по трипати неделно. Потоа, пациентот ако е подготвен за повеќе пати, одиме секојдневно.  Помалку од трипати неделно би немало ефект. Кај пациентите над 50 години се оди еднаш до двапати. Притоа, е потребна дозвола и од неврологот или неврохирургот, во зависност како се третирани тие пациенти.

Кај луѓето со операции и со трахеостома зависи од самата поставеност на канилата. Колку канилата е подолу поставена, толку успехот е поголем, оти постои поголем резерват на воздух и тогаш полесно доаѓаат до таканареченото „подригнување“, односно пропуштање на воздухот нагоре и езофагијалниот говор е поразбирлив. Доколку трахеостомата е погоре поставена, поблиску до гркланот, тогаш е потешко барањето на вештачки гласници и нема да се добие егофазијалниот, туку доаѓа до еден вид на букален говор (говор како рчење). Зависи и од резот, дали е хоризонтален или вертикален. Ако е хоризонтален, тогаш пациентот може да се оспособи да живее без трахеостома. Се прави природна стома која никогаш нема да се затвори и многу е полесно за дишење, за зборување, за јадење… Во тој случај, тој подобро ќе зборува со езофазијален говор. Кај пациентите со вертикален рез, трахеостомата ќе остане цел живот, не можат да живеат без неа и таа им пречи да можат да зборуваат.

Во моментов, во Заводот сме 15 логопеди. Тоа е многу малку. И на ниво на Македонија бидејќи ја опфаќаме цела држава. И овде во Скопје бројот на логопеди е мал, а има голема потреба како за децата, така и за возрасните.

Првично кога доаѓаат пациентите постои некој срам, непријатност, веројатно поради менталитетот, пациентот си мисли „види ме каков сум“ и  избегнува комуникација, не се движи. Последните десетина години ситуацијата е сменета. Пациентите се прифаќаат себеси со новата состојба, ги прифаќа и средината. Луѓето сфаќаат дека им треба помош и истата ја бараат.