Мултиплекс склероза резултира со оштетување што доведува до симптоми кои може да варираат од личност до личност.
Светскиот ден на мултиплекс склероза (МС) се одбележува секоја година на 30 мај со цел да се подигне свеста, да се информира и едуцира општата популација за оваа болест, како и да се пружи поддршка на заболените.
Овогодинешната тема е #MyMSDiagnosis и има за цел да го привлече вниманието на јавноста и институциите на важноста од навремено воспоставување на дијагнозата.
Што е мултиплекс склероза (МС)?
Мултиплекс склероза е имуно-посредувана, прогресивна болест на централниот нервен систем, кај која имунолошкиот систем ја напаѓа миелинската обвивка која се наоѓа околу нервните влакна.
Последиците се оштетувања што доведуваат до симптоми кои може да варираат од личност до личност. Најчестите симптоми вклучуваат заматен вид, двојни слики, вкочанетост на одредени делови од телото, слабост при одење, нестабилност, но присутни се и други помалку видливи симптоми како замор и когнитивни пречки.
Покрај акутните напади или релапси, присутни се и дегенеративни промени кои се случуваат дури и кога болеста е во мирување. Затоа е многу важно болеста рано да се открие и да се започне со соодветна терапија која може да влијае на понатамошниот тек на болеста.
– Болеста има карактеристични обрасци со влошувања (рецидиви) и подобрувања (ремисии), но постојат и поретки форми кај кои прогресивното влошување е присутно од самиот почеток – вели проф. д-р Селма Шабанагиќ-Хајриќ.
Лекувањето на мултиплекс склероза е комплексно и вклучува третман на акутни влошувања, специфична терапија која го модулира текот на болеста и третман на различни симптоми.
Во моментов, во светот живеат повеќе од 2,8 милиони луѓе кои боледуваат од оваа болест, додека на секои пет минути некој некаде во светот добива дијагноза на МС.