Се работи на проширување на „Мој термин“ или евентуално на неговљ нова дигитализација со цел да бидат опфатени сите здравствени институции и приватни и државни, изјави министерот за здравство Арбен Таравари. Негова идеја е да се воведе телемедицина, а најави и можност за вработување на лекари и средномедицински кадар кои работат со договор на дело.
„Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно ѝ 3 потребно сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, како и фармациите и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на Фондот за здравство. Ќе ги разгледаме опциите“, рече министерот, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на реновиарните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.
Таравари рече и дека се разговара за користење телемедицина – консултации од дистанца. За одредени прашања, појасни министерот, пациентот да не мора да доаѓа на клиника, туку да може да има одреден период кога докторот дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, потоа докторот би го повикал пациентот да дојде и да го прегледа.
Директорката на Универзитетскиот институт за радиологија, доктор Соња Николова потврди дека како институција, имаат испратено неколку дописи до „Мој термин“ за настанат проблем, особено за итни пациенти кои доаѓаат во Ургентниот центар.
„Немаме можност и да влегуваме во систем и да гледаме како се тие упатени, кој е проблемот поради кој доаѓаат кај нас, за да им се изврши одредена дијагностичка процедура. Се надеваме дека за Мој термин ќе се покаже слух проблемите, затоа што за да се постави една дијагноза за состојбата на пациентот и тоа како ни се потребни информациите што доаѓаат однадвор – дали е тоа лабораторија, дали е тоа клинички преглед, дали се тоа други дополнителни иследувања“, рече Николова.
Министерот информираше дека најверојатно денеска ќе биде распишан нов тендер за компресорска станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тој беше прашан и каде е заглавен процесот во врска со нови лекови на Позитивната листа.
„Не е заглавен воопшто. Со директорот на Фоднот сме во редовна комуникација, чекаме да се формира Управен одбор. На првиот состанок на тој одбор ќе бидат поминати деветте лекови што се веќе испратени од Министерството за здравство, штом поминат таму, јас ќе потпишам истиот ден и ќе го промовираме и ќе го кажеме тоа“, подвлече Таравари.
Министерот за здравство Таравари се надева дека до крајот на годината барем половина од повеќе од две илјади вработени со договор на дело во јавното здравство да добијат решенија.
Тој нагласи дека, каде и да оди, во сите градови во сите болници, првата и најголемата жалба од сите раководители на здравствените јавни институции, е недостатокот на средномедицински кадар, како и на доктори, особено по одредени специјализации.