Нешто повеќе од 5.000 текстилни работници може да останат на улица и без и онака мизерната плата, алармираат бизнисмените. Кочницата била воведувањето на минималната плата и одлуката на Уставниот суд да го укине нормираниот учинок, иако текстилната индустрија е буквално на колена.

Дека текстилниот сектор полека тоне, потврдуваат и некои компании кои дел од нив веќе ги спакувале куферите и ја напуштаат земјава, предупредуваат текстилците. Тие уште еднаш побараа предвидените 50% од придонесите што треба да им бидат исплатени на трудоинтензивните дејности, да се пренасочат директно кон работниците, за секторот да може да диши.

  • Не ни треба поддршка за минималната, туку за повисоките плати, за да ги стимулираме работниците и да ја зголемиме продуктивноста. Околу 80% од вкупниот приход на текстилните компании оди за плати што е премногу. Минималната плата е неодржлива во секоја смисла, по однос на продуктивноста, техничката подготвеност, конкурентноста,  истакна претседателот на Кластерот за текстил, Марјана Перковска.

Дека производството оди во надолна линија се огласија и дел од газдите. Велат производството на облека за периодот јануари – април годинава е намалено за 4% во споредба со истиот период лани, а производството на кожа за 6,3%.

  • Продолжува намалувањето на производството поради намалувањето на бројот на работниците, посочи претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.

Стопанствениците со апел до власта да ги забрза реформите во економијата. Велат дека мора сериозно да се насочат реалните проблеми, отколку на празни состаноци. Текстилците се пожалија и дека по воведувањето на минималната плата станале социјални претпријатија. Доведени се во ситуација да земаат кредит за да обезбедат плати.

Инаку, само во текстилната индустрија работат 35.000 лица, или вкупно 40.000 заедно со кожарството.