На Клиниката за токсикологија ноќеска се примени 29 пациенти во алкохолизирана состојба, од кои најмладиот имал 14-ет години, а најстариот 63 години. На Ургентниот клинички центар пак биле прегледани 105 пациенти.
– За среќа оваа година немаше предозираност со психоактивни супстанци. Сите пациенти по неколку-часовниот престој и третман на Клиниката се пуштени дома, изјави денеска д-р Ирина Јуруков од Клиниката за токсикологија.
Кај 14-годишниот пациент, како што рече д-р Јуруков, констатирано е лесно алкохолно труење кое кај млади лица може да настане само од една чашка алкохол.
Директорот на Ургентниот клинички центар, д-р Алберт Леши, изјави дека во текот на изминативе 24 часа на Ургентен биле прегледани 105 пациенти, од кои 13 се примени на Хируршките клиники, шест биле со повреди во сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреди од пиротехнички направи и еден пациент бил донесен од Градската општа болница „8 Септември“ со повреди од остар предмет. Тој констатураше дека меѓу повредените пациенти има од сите возрасти и додаде дека во споредба со претходната година бројот на примените пациенти е многу помал.