Асоцијацијата на здруженија на работодавачи на превозните трговски друштва во државава Макам-транс за денеска напладне најави протест со барање да се укине Уредбата за зголемување на акцизата на горивата за три денари и да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности.
Според Макамтранс, протестот ќе биде согласно со сите мерки за безбедност кои се во сила со оглед на состојбата со коронавирусот поради којашто се намали обемот на работа и во патничкиот и во товарниот превоз.
Секој од учесниците во протестот, според најавата, ќе биде изолиран во возилото (влекач, пикап, автобус, патничко возило и сл.). Како што најавија, нема да прават какви било блокади, ниту пак ќе има собирање на маса на луѓе. Колоната од возила ќе се движи по определена маршута. Почетната точка е клучката Хиподром за влез во Скопје, а при движењето низ центарот на Скопје ќе подзастанат пред зградите на Владата и на Собранието каде ќе се движат бавно и ќе ги вклучат сирените за да испратат порака. Ќе се движат по една коловозна лента и со тоа нема да предизвикаат застој на сообраќај на улиците на главниот град.
Макам-транс предлага 0,5 проценти данок на доход за сите правни субјекти кои лани имале добивка од 100.000 до 10.000.000 денари, еден процент данок на доход за тие со добивка од 10.000.001 до 200.000.000 денари и два проценти данок на доход за сите кои оствариле добивка за 2019 година над 200.000.001 денари.
– Со оваа мерка ќе се опфатат подеднакво сите правни субјекти во државата, а особено и големите стопански субјекти, банките, осигурителните компании, телекомуникациите и сите мали, средни и микро фирми како и невладиниот сектор каде се вбројуваат и сите асоцијации, СИЗ, Стопански комори и други здруженија на граѓани, со што навистина ќе имаме солидарност и секој ќе го даде својот придонес според големината и постигнатите финансиски резултати во претходната година. За разлика од оваа мерка, со зголемената акциза товарот во првите 2-3 месеци ќе биде само на превозниците, дистрибутери во внатрешниот превоз, граѓани и мал број други правни субјекти кои работат, а до крајот на годината сите, велат од Макм-транс.
Намалената цена на погонското гориво, дополнуват, е единствената мерка која ја имаат превозниците, а за која не треба дополнително да се задолжуваат (камати) и да ги враќаат земените средства согласно мерките кои ги спроведува Владата.
Останатите мерки кои ги бараат се поврзани со намалување на трошоците, регистрација на возен парк, враќање на ДДВ, компензации со поврат на патна такса и новите обврски за регистрација на возилата, одложување без камата на надоместоци за автоодговорност и зелен картон минимум 6 месеци, враќање на дел од акцизата по принципот на ДДВ, со можност за реципрочно враќање на и од другите држави и воспоставување на реципроцитет за враќање на ДДВ од сите држави. Бараат и подобрување на законската материја која го регулира превозот со заштитни елементи на лиценцирани превозници, како и ревидирање на Уредбата за распределба на меѓународни дозволи (распределба на ЕКМТ дозволи), која со измените од 2018 година, тврдат, продуцира нефер и нетранспарентна распределба на сите меѓународни дозволи.