Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Џанг Ѕуо и градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов во нивната посета на Детската градинка „Виножито“ Струмица информираа за донацијата на кинеската амбасада на сензорни соби за деца со попреченост во градинки во Струмица, Гевгелија и Велес.

Воедно тие потсетија на соработката остварена помеѓу Министерството за труд и социјална политика со што се отворија инклузивни игралишта и сензорни соби во Струмица, Крушево и Кривогаштани.

„Во доменот на сензорни соби, нашата посветеност на процесот на инклузија е очигледна и за тоа е показател внимателниот избор на опрема за сензорните соби како што се ѕидови со вода со меурчиња, тешки ќебиња и пени за терапија – секоја приспособена да одговори на различните сензорни потреби на корисниците. Овие простори не се само соби; тие се безбеден простор каде секое дете може да напредува, без оглед на нивните уникатни предизвици“, рече Тренчевска.

„Има една поговорка во Македонија, оние кои сеат добра волја ќе жнеат и добра волја. Очекувам дека вакви „мали но убави“ проекти како сензорната соба ќе изградат уште повеќе мостови за меѓусебно разбирање и пријателство меѓу двата народи. Ја користам оваа прилика за да се заблагодарам на министерката Тренчевска, градоначалникот Костадинов и сите наставници за вложените напори за реализирање на овој проект“, истакна амбасадорот Ѕуо.

„Како Општина постојано вложуваме и труд и сериозни средства во однос на подобрување на инклузијата во училиштата и на децата од предучилишна возраст и генерално сеопфатна инклузија преку најразлични социјални услуги што ги даваме како Општина и секако тука не застануваме. Во конкретниот случај станува збор за донација на сензорна соба. Во општина Струмица веќе постојат три сензорни соби во основните училишта „Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“ и навистина тоа ја пушта силната порака дека без разлика какви и да имаме разлики, како општина, општинска администрација или Совет, за нас сите се важни и битни“, рече градоначалникот Костадинов во изјавата за медиуми.

Според информациите кажани во изјавите за медиуми, финансиската поддршка која амбасадата ја има дадено на министерството е во износ од 50.000 евра. Со што значително се зголемува инклузивноста на градинките и им се овозможува на децата полесен пристап до предучилишното воспитание и образование.

Сензорните соби се опремени со модерна опрема која вклучува: пластични провидни топчиња со базен, акрилно огледало, воден ѕид со меурчиња со интегрирана воздушна пумпа и извори на светлина, тешко ќебе, терапевтски пени за сензорна стимулација, LED интерактивен светлечки тепих, трамболина со прицврстен држач и слично.