Министерството за труд и социјална политика во рамки на Активноста на УСАИД во заедничка соработка, денес објавиja истражувањето насловено „Младински аспирации за кариера и вештини“. Целта на истражувањето е да се добие реална слика од страна на младите за нивните интереси за градење кариера и вклучување на пазарот на трудот.
На настанот кој што беше организиран со цел промоција на истражувањето се обрати Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и Кристофер Доџ, В.Д. Директор на УСАИД канцеларијата за економски развој.
Министерката на почетокот од своето обраќање ја истакна важноста на соработката на Министерството за труд и социјална политика и УСАИД и посочи дека истражувањето „Младински аспирации за кариера и вештини“ е плод на заедничките заложби за подобри услови за младите во нашата земја.
„Особено ме радува тоа што истражувањето кое ќе се презентира денес е всушност плод на неколкумесечната работа токму на млади истражувачи, анкетари и фасилитатори на фокус групи, токму на крајот на годината кога се пребројуваат научените лекции од оваа што изминува, и се креираа насоките за следната“, истакна Тренчевска.
Таа истакна дека истражувањето треба да даде јасна слика за тоа кои професии ги привлекуваат младите и зошто, кои се нивните очекувања од работните позиции и кои вештини сметаат дека им се потребни за да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
„Поконкретно, новиот Оперативен план за 2024 година ќе го креираме токму според добиените резултати и потребите на младите, а ќе работиме заедно со младите и на поголема промоција за младите да бидат информирани за можностите кои им стојат на располагање. Во оваа прилика би сакала да ги охрабрам младите да ги користат мерките и услугите кои се нудат во рамки на Оперативниот план за активни мерки и програми. Како и до сега, во планот ќе бидат опфатени различни видови мерки и услуги, без оглед на тоа дали станува збор за вработување или самовработување, практикантска работа или пак обуки “, рече Тренчевска.
На крајот од обраќањето министерката истакна дека како Министерство за труд и социјална политика продолжува да биде во постојан контакт со младите и да биде главниот слушател на нивните барања. Според неа целта на овие постапки е промовирање на благосостојбата на младите, поддршка во одржување на нивното менталното здравје, но и охрабрување да ги реализираат своите соништа преку активација на пазарот на труд и поголема општествена вклученост.