Од светска банка за стабилизација на пензискиот фонд ни беше укажано дека треба да се зголеми старосната граница на одење во пензија како и замрзнување на пензиите. Јас одлучив дека не е прифатливо ниту едното ниту другото, за мене тоа е нечесна и несоодветна политика. Наместо тоа направив друг систем преку кој се стабилизира пензискиот фонд и се намалува дефицитот во истиот, изјави Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика.
Во однос на минималната плата, советникот од ВМРО-ДПМНЕ Лазар Јовевски обвини дека владата тоа го направила без економско покритие.
Министерката Царовска на ова одговори дека покачувањето на минималната плата и тоа како е поткрепено по што ја напомена мерката за субвенционирање на платите со што работодавците биле поттикнати сами да ги покачат платите. Таа дополни дека ВМРО-ДПМНЕ за време на владеењето ја донеле Македонија на најниско ниво во однос на минималната плата во Европа.
-Вие и партијата не донесовте на најниско ниво во однос на минималната плата.Со ова покачување се приближуваме до регионот и добиваме минимална плата која е достоинствена. Во 2018 година донесовме Закон за субвенционирање на платите, работодавачите ги покачија платите со што се зголемија и придонесите, вели Царовска.