Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика не открива дали негувателката која истепа дете во Аеродром имала лиценца. Таа смета дека тоа треба да го кажат институциите надлежни за овој случај.

Сите информации со кои располага Министерството за труд, како што изјави денеска Царовска, ќе бидат доставени до истражните органи.

-Случајот е под истрага. Сите документи и сознанија што ги има Министерството ќе ги достави до надлежните истражни институции за да не се нарушува редоследот на нештата. Не би можела да дадам детална изјава сега. Тоа е под истрага и ве молам да се обратите до истражните органи. Независно дали јас ја имам информацијата, важно е дека сите информации кои се за јавност треба да ги даде истражен орган кој е одговорен за целата постапка, а ние како одговорна институциија сите сознанија што ги имаме ќе ги предадеме во надлежните институции, вели Царовска, одговорајќи на новинарски прашања.

Имено, на 21 ноември годинава сопственик на угостителски објект во општина Аеродром, проверувајќи ги безбедносните камери, забележал како женско лице физички малтретира дете. Случајот го пријавил, по што реагираа надлежните. Идентитетот на негувателката е утврден и веднаш и беше одреден 30 дневен притвор.