Туристичките водичи бараат поддршка од државата за да ги надминат финансиските загуби кои ги трпат поради пандемијата со КОВИД-19. Тие денеска информираа дека не се вклучени во ниту еден од пакетите што ги дава државата за надминување на последиците од кризата предизвикана од пандемијата.
– Во моментот како резултат на пандемијата, туристичките водичи трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани и немаат никаква поддршка, а уредно ги плаќаат сите давачки кон државата. И покрај сите уредно доставени писмени барања до Владата и до Министерството за економија, досега немаме никаков одговор. Ова е професија од посебен интерес за државата и бараме од Владата и Министерството за економија да не ги игнорираат нашите барања бидејќи сме во незавидна, тешка положба. Бараме изнаоѓање на неодложни начини за финансиска поддршка на нашата професија, истакна на прес-конференција претседателот на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници Димитар Кавраков.
Очекувањата на асоцијацијата се дека кон крајот на годината евентуално би можела да се подобри ситуацијата во овој сектор со доаѓањето на странските туристи.
– Сите мерки на владата што се преземаат по повод пандеијата многу често и нас не изненадуваат и не е баш розева иднината. Од контактите со нашите соработници ни влева малку надеж дека кон крајот на годинава евентуално ќе спласне целата ситуација и дека странците, од кои најмногу живееме, ќе почнат да ја посетуваат нашата земја, рече Кавраков.
Според претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори Владимир Граматиков, состојбата во туризмот е загрижувачка и овој сектор го чека тежок период.
Она што туристичкиот сектор очекува да биде направено во следниот период е активна меѓународна промоција на земјата како безбедна туристичка дестинација, адаптирање на моделот на субвенционирање кон новонастанатите потреби на пазарот и поддршка на авиосообраќајот како главен двигател на туризмот.
– Светот постепено се враќа кон туризмот. Шпанија и Италија кои беа најпогодени, веќе ги отвораат границите и ги примаат првите туристи, но и на светско ниво гледаме дека сите големи светски дестинации масивно работат на промоција на своите држави како безбедни туристички дестанции. Конкуренцијата на светскиот пазар е огромна. Светски познатите дестинации вложуваат огромни напори и големи суми на субвенции за да ги привлечат туристите. Свесни сме дека оваа година многу помалку ќе се патува поради економската ослабеност и поради стравот од КОВИД и на нас останува дали нешто ќе преземеме и ќе фатиме чекор со останатите земји, нагласи Граматиков.
Инаку, денеска Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници потпиша меморандум за соработка со кој пристапи кон Сојузот на стопански комори.