Во текот на овие три тромесечја, од јануари до август оваа година, од инспекторатот за труд, посочуваат дека 15 работници починале на работно место, а над 1200 биле повредени. Најзагрозени се рударите, работниците во тешката индустрија и градежните работници.

Повеќето градежни компании им обезбедуваат на работниците заштитна опрема, бидејќи тоа им е законска должност, а свеста на работниците за нивната безбедност е ниска, вели директорката на секторот за безбедност и здравје во Државниот инспекторат за труд, Слаѓана Андоновска. Според законот за безбедност и здравје, работодавецот исто така треба да се потруди секој работник да носи заштитна опрема. Но, често се прават пропусти. Ова правило треба строго да се почитува со цел последиците да се минимални, вели Андоновска.

Доколку работникот има заштитна опрема, но не ја користи во текот на работата, ќе биде казнет со 50 евра. А, доколку работодавецот не обезбедил заштитна опрема за работниците, тогаш градежната компанија ќе заработи казна од 8 илјади евра. Андоновска вели дека уште од 2007 година постои законот за безбедност на работа согласно директивите на ЕУ. Но, инженерот за безбедност на работа, Борче Стојчевски, вели дека тешко е да се спроведе нешто што е копирано од надвор. Тој се надева дека актуелниот закон треба да замине во историјата и да се состави нов кој ќе одговара на реалноста во Македонија.

Освен критика за системот за безбедност на работа, Стојчевски упати критики и за нискиот број инспектори како и за третманот кон работниците. Според податоците на Инспекторатот за труд, од 2015 година до август 2018, во Македонија на работно место загинале 68 работници, а 5945 се здобиле со тешки или полесни телесни повреди.

Каде е министерката Царовска да изнајде соодветно решение или да направи подобрување на условите на работа или на самиот систем на работа за да има што помалку вакви незгоди?