Заедно со министерот Фатмир Лимани, државниот секретар Фатмир Сабриу, шефицата на кабинет Флутра Калиси и раководителката на Секторот за ЕУ програми и фондови Анкица Ивановски, одржавме работна средба со клучните експерти од ИПА проектот „Поддршка на системот за обезбедување на квалитет на социјалните услуги“, објави заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

„Овој проект, финансиран од ЕУ (ИПА III – програмски период 2021-2027), е од огромно значење за Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Основната цел на проектот е поддршка на реформите и политиките со цел унапредување на квалитетот на социјалните услуги за сите корисници низ земјата.

Во проектот се опфатени вработените во Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и тела на централно ниво, органи и институции на локално ниво, центрите за социјална работа, општините, јавните и приватните лиценцирани даватели на социјални услуги, корисниците на услуги и Народниот правобранител“, објави Велковски.