Над 5 илјади деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка. Според листата на Министерството за труд и социјала, на вровот на листата е Битола. Се бара упис на вкупно 900 деца. Во скопски Аеродром, место очекуваат 650, а листата на чекање во Струга брои 352 деца. Според техничкиот министер за труд и социјала причина за ваквата состојба е одбивањето на министерството за финансии да дозволи вработувања иако во меѓувреме дел од воспитувачките и негувателки заминале во пензија или си дале отказ. Тоа го намалило можностите за згрижување, па во моментов според Велковски, состојбата е загрижувачка. Вели дека проверките на постапките за вработувања откриле дека дел од одобрувањата за вработување негувателки и воспитувачи, претходното раководство ги чувало во фиока.
„Има над 5 илјади дечиња во Македонија кои чекаат на листите да почнат во градинка.Едно се просторните услови, меѓутоа и во голем дел се и самите вработувања, односно согласности кои не се добивале од страна на Министерството за финансии, како ресорно министерство за давање согласност и потоа имаме дел од согласностите што не се испраќаат од МТСП, односно од претходното раководство до самите градинки кои би добиле можност да распишат огласи и да го вработат потребниот кадар“, изјави Ѓоко Велковски, Технички министер за труд и социјална политила.
Според Велковски, во фиока подолго време се чувале и барањата за полагање лиценци. Сепак дел, под неразјаснети околности се нашле на врвот на листата и добиле предност пред лица кои цели три години чекале одобрување од труд и социјала.
„Суштинскиоит проблем е зошто луѓето чекале две, три години за да бидат ставени на списокот да полагаат. Дали со ова се манипулирало со граѓаните, односно биле селектирани по некаква основа. Се правеле списоци кој да полага, кој да не полага. Како било селектирано треба да си одоговори истата, а ние ги имаме точно кои луѓе се останати што не полагале низ годините“, вели Велковски.
Во моментов добивањето лиценца е невозможно. Од ноември лани не функционира електронскиот начин на полагање на испитот, па за надминување на проблемот, техничкиот министер за труд вели дека ќе побараат да се дозволи тестирање на хартија. Така според Велковски, ќе се зголеми бројот на кандидати кои ќе можат да аплицираат за вработување во градинките.