По 8ми мај новата Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ ќе ги извлече граѓаните од сиромаштијата во која западнаа во изминатите 7 години поради негрижата на оние кои раководеа со институциите на системот и се фокусираа само на лично богатење, наместо да се заложат да обезбедат подобар животен стандард како што ветуваа пред да дојдат на власт.

Ова е пораката која ја испрати министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски по денешната посета на тричленото семејство Фетаи во Тетово, кое живее само со 9300 денари месечно, посочувајќи дека вакви семејства кои секојдневно едвај преживуваат има низ цела Македонија.

„Хасим живее под кирија заедно со неговата сопруга со која чекаат принова, како и со неговата сестра која е глувонемо лице. Имаат на располагање само по 100 денари дневно за да се прехранат. Луѓето се заборавени од страна на институциите и со солзи во очите раскажуваат за тешкиот живот. Ветив дека сè ќе сторам да имаат пристап до правото на здравствена заштита и надоместок за попреченост согласно законските можности. Распадната семејна куќа со помош на донации ќе биде приспособена за нормално функционирање, за да не плаќаат кирија и понатаму“, рече Велковски.

Тој потенцираше дека бедата и сиромаштијата ги покосија сите граѓани, независно на етничката припадност.

„Залудно е да зборуваме дали во изминатите седум години имало некакви покачувања на плати, пензии, социјални надоместоци и така натаму, кога секојдневните трошоци на луѓето пораснаа двојно. Промени мора да се случат, бидејќи животот кој го ветуваше СДСМ стана неподнослив“, рече Велковски.