Власта призна и самата се демантираше: Нов центар за мигранти со странски пари ќе се гради. Она што Телевизија Алфа ексклузивно го објави пред неколку недели, а министрите, па и премиерот остро го демантираа, официјално го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски.
Но наместо прифатен центар за мигранти, Велковски го именуваше како „центар за странци“ и објасни дека ќе биде финансиран од ИПА фондовите.
Иако надлежните играат со зборови во именувањето на центарот, сепак не е доволно силно да ја покрие вистината што со недели се обидуваа да ја скријат од јавноста. Така се однесуваа откако Алфа ексклузивно прикажа документ со кој МВР во својата стратегија за работа во периодот 2018 – 2020 година, објавило дека, покрај засилувањето на актуелните капацитети, планира да гради и нов центар за прифат на мигранти со пари од странски донатори.
Во документот на МВР, до кој Алфа дојде, во делот „За справување со новите предизвици и облици на загрозување“, се зборува за „Развивање на капацитети за прифат на привремено задржани странски државјани согласно барањата и стандардите на ЕУ“. Во вториот дел од планот на МВР пак, се говори за „Ажурирање на стандардни оперативни процедури на функционирање на новите услови на терен и ЕУ новитети во оваа област“.
Алфа го лоцираше и земјиштето во Бардовци, на чија површина се наоѓаат напуштени магацински простории на некогашната ЈНА. А подоцна на социјалните мрежи се појави и исечок од Службен весник, каде во програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2108 година, под точка 1.6 стои изработка на државна урбанистичка документација за прифатен центар за странци, за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП35, запишано во имотен лист број 2140 во скопско Бардовци.
А освен што негираше, целиот овој период власта дури убедуваше дека во новиот центар ќе се сместувале бездомници.
Во меѓувреме бегалци од Азија и Африка се почесто можат да се видат во земјава. Може ли сега да им се верува на категоричните реченици на извршната власт – дека Македонија била и останува само транзитна зона?