Денеска низ дел од македонските електронски медиуми се пренесе информацијата дека детската болница „Козле“ се соочува со проблем со парното греење. Според објавените информации, дел од мајките кои престојуваат во болницата, со своите неколкумесечни бебиња, се жалат дека со денови нема парно греење, а децата наместо да се лекуваат, се доразболуваат.

Во изјава за една од нашите телевизиски куќи, мајка на три-месечно бебе посочила дека ова е нечовечки чин, а состојбата била иста и во болничките соби, но и во амбулантите. Проблемот со греењето особено се чувствувал во ноќните часови, кога е значително постудено, така што се побарало итно решение на проблемот.

Менаџменот на болницата, во комуникација со телевизијата, потврдил дека имале проблеми со парното греење, но истиот ќе бил надминат и сега пуштале греалки за затоплување на просториите.

Грејната сезона годинава и официјално започна, а ќе трае се до 15 април следната година.