Триесет и деветгодишната родилка која синоќа се обиде да си го одзеде животот фрлајќи се од првиот кат на Клиниката за гинекологија е во многу критична состојба на интензивна нега, информира директорката на ГАК, д-р Викторија Јовановска.

Таа на вчерашната прес–конференција пред Клиниката истакна дека пациентката во два наврати се пожалила на вознемиреност, но дека тоа не е прва појава кај родилките.

-За жал пациентката е во многу критична состјба, сега зборував со директорката на КАРИЛ која е во моментов дежурна. Пациентката не сакала да го дои бебето, била лесно вознемирена, но тоа не е првпат да се случува. Зборувавме со директорот на психијатрија да доаѓа некој лекар оттаму еднаш неделно за почеток за да разговара со мајките, но не знам како ќе го прифатат пациентките. Многу пати пациентките се повредени кога им велиме да разговараат со психолог, изјави д-р Јовановска.

Додаде дека по немилиот настан било разговарано за затворање на прозорците, но посочи дека тоа единствено би предизвикало контраефект.

– Секаде во светот познат е податокот дека една од десет породени пациентки има мало психолошко пореметување, но никаде прозорите не се забарикадирани. Не можеме да ги чуваме пациентките како затвореници, тие треба да се чувствуваат подобро после породување, истакна таа.

Триесет и девет годишната родилка била донесена во 36-та недела од бременоста. Било констатирано дека се работи за предвремено одлепување на постелката што ги загрозувало и мајката и детето и затоа била однесена во породилна сала и за 14 минути била породена со царски рез. Бебето е во добра состојба.

– Табу тема е да доаѓа психијатар тука и да разговара со мајките. Лично мислам дека на сите нас ни треба психијатар, во современото живеење, како совет, не како терапија.- истакна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, по обидот за самоубиство на родилката.