Бројот на потврдени делта случаи во Грција се зголеми на 1087. Во текот на вчерашниот ден Националната организација за јавно здравје соопшти нови 219 заразени со делта варијантата на коронавирусот. Вкупниот број на нови заболени од Ковид-19, пак, во текот на изминатото деноноќие во Грција изнесуваше над 2500, а пет лица починаа.

На вчерашната прес-конференција, професорката епидемиолог и член на надлежната комисија Вана Папаевангелу, посочи дека изминатата седмица во просек имало по 2.568 случаи дневно, а просечната возраст на новозаразените е 26 години.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас соопшти дека за невакцинираните вработени во угостителството и туризмот, задолжителни се два теста седмично, еден рапид и еден селф тест. За ситуацијата на Миконос објасни дека нема нови кластери и со воведениот полициски час и забрана за музика во угостителските објекти делумно се спречило дополнителното ширење на коронавирусот. Додаде дека во следните денови ќе биде соопштено дали мерките на островот што се во сила до понеделник наутро ќе бидат продолжени или прекинати.