Кредитот стана најбараниот инструмент за да се преживее кризата. Таа ги присили поголемиот број од граѓаните да земаат кредити не само за домашни потреби, туку и за да ги подмират своите здравствени потреби.
Се почесто се земаат банкарски кредити за операции, за набавка на скапи лекови, чување на матични клетки, инвитро оплодување, породувања, стоматолошки услуги, за пластична хирургија и слично.
Потребите на граѓаните предизвикаа конкуренција меѓу банките и тоа им даде шанса да се тркаат за клиенти со интересни понуди за разни ненаменски потрошувачки кредити.
Македонските банки генерално се заинтересирани да ги задоволат барањата на клиентите и за што пократок рок да им ги одобрат кредитите.
Од банките велат дека и тие забележале оти е зголемен интересот кај граѓаните за кредит токму за покривање на трошоците за здравствените потреби. Затоа настојуваат во најкраток рок да се одобруваат барањата, секако доколку корисниците ги исполнуваат потребните условите за добивање на кредитот.
Слична е состојбата и во регионов каде банките ги привлекуваат своите клиенти со мотото со кредит до здравје или оздравување. Во Србија неколку поголеми банки вовеле здравствени кредити за чување на матични клетки, вештачко оплодување, разни стоматолошки услуги.