Децата со посебни потреби од Прилеп како и нивните родители бараат итно отворање на дневен центар, каде ќе има вработен стручен кадар. Самохрани родители кој има и по две деца раскажуваат дека животот е премногу тежок, неможе и да се работи и да се седи дома, бидејќи се има обврска да се биде дома и да се чува едното дете, тоа што има потреба од тебе, кажуваат родителите.

„Не сум вработена, немам ниту еден ден работен стаж, бидејќи по цел ден сум со детето. Не пребирам работа, неможам да најдам никаква работа, само да ми е детето згрижено во тие 8 часа“, вели Сандра Михајлоска, родител на дете со посебни потреби.

Доколку би имало ваков Центар каде децата ќе престојуваат по 8 часови во текот на денот тогаш голем број родители ќе имаат можност да работат, а децата да се социјализираат.

Центарот би го посетувале над 100 деца со посебни потреби кои имаат над 18 години. Родителите бараат државата да вработи и стручни лица.

На здружението „Порака“ од Општина Прилеп им се доделија уште две простории на користење во старата општинска зграда, но и ова е само привремено решение бидејќи овој објект предвидено е да се урива.

„Се надевам дека наредната година тој центар ќе го направиме, да не биде сега ова кажано паушално, мислам дека тогаш ќе се создадат услови за овој центар“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Инаку во Прилеп исто така во текот на оваа година предвидено е да се отвори дневен центар за лица заболени од церебрална парализа.