Пандемијата наречена Ковид-19 и натаму ја отежнува економијата во Македонија и предизвикува затворање на бројни трговски и услужни објекти. Стопанствениците мака мачат како ќе излезат на крај со кризата, додека Централниот Регистар во Охрид за Февруари годинава бележи најголем број на затворени фирми и дејности.
Податоците говорат дека Охрид како најголем туристички град во земјава има најголем број избришани дејности во угостителскиот сектор. Во првите шест месеци од годинава 233 фирми се избришани, а само 90 се основани во Централниот регистар во Охрид. Во текот на месец февруари над 160 стопанственици морале да ги затворат своите фирми. 20 ресторани и 13 трговски малопродажни објекти биле затворени, но имало и дел затворени туристички агенции.
И во месец март податоците покажуваат дека има поголем број избришани, 41 дејност, а помал број на ново регистрирани фирми, само 15. Туристичкиот сектор во градот и натаму посочува дека е најпогоден и дека ова е најголемата криза со која се соочиле стопанствениците.
Бизнис секторот во Охрид спасот го гледа во што поскоро вакцинирање на населението.