Лице вработено во Институтот за јавно здравје во Скопје, вчера од засега непознати причини ги исклучило фрижидерите во Институтот каде што се чувале реагенсите за заразни и за незаразни болести, соопшти МВР. Јавното обвинителство соопшти дека итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.
-Јавното обвинителство прибира документација и се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за исклученото напојување со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести во Институтот за јавно здравје.
Како што информираат од Обвинителството, по информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство итно оформило предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.
– Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија, стои во соопштението од Обвинителството.
Оттаму дополнуваат дека се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена.
Директорката на Институтот, Марија Андоновска, за МИА денеска потврди дека се проверува дали има оштетени реагенси, откако вчера некој ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат.
– Можно е ова да се има случено во периодот помеѓу 14.30 и 15.30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Во случајов се работи за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние бевме сѐ уште на работа и хигиеничарката, која доаѓа по вработените кои заминуваат, забележа дека има некаков проблем кај разводните табли, таа алармираше, појасни директорката во изјава за МИА.
Во моментов се испитува дали има уништени реагенси, се зема мостра од сите нив, но, таа се надева дека нема да има штети, бидејќи многу брзо се реагирало.
Според Андоновска, симптоматично е тоа што биле исклучени само тие што се однесуваат на фрижидерите и коморите, каде се чуваат сите реагенси за целата држава. Дополни дека се преземаат безбедносни мерки за алармирање, а по ова, таа рече дека ќе бара дозвола за поставување камери од Министерството за внатрешни работи.
Инаку, вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести.
Вчера (31.07.2024) околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести. Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.