И покрај многуте ветувања од Министерството за здравство, амбулантата во село Јажинце останува затворена додека жителите лекарска помош бараат десетици километри подалеку од населените места. Се жалат дека често се случува човек и да почине пред да стигне до болницата во Тетово. Со години се ветува дека оваа врата ќе се отвори и дека внатре ќе има дежурен доктор, но тоа не се случува.
Овој објект бил во катастрофална состојба, се реновирал, но и покрај тоа не е ставен во функција. Локалните селани велат дека таму ниту имало лекар, ниту ќе има, а нивната потреба од здравствен работник е голема.
Во меѓувреме, жителите на Јажинце и околните места на Шара продолжуваат да апелираат за решение. Министерството за здравство ветува, но не кажува конкретен рок. Селото Јажинце кое брои стотици жители, нема ниту приватен селски лекар ниту стоматолог.