31 годишната Елизабета Савиќ Динева од Гевгелија починала во понеделникот на КАРИЛ откако во критична состојба била донесена од Клиниката за неврологија, а блиски роднини и пријатели на пациентката обвинуваат за грешка на здравствениот систем. Веста за смртта на родилката денеска се прошири на социјалните мрежи.

– Пациентката кај нас беше донесена во крајно критична состојба, без дишење. Еден час лекарите на КАРИЛ се бореа за нејзиниот живот и дадоа се од себе, изјави за „Република“ д-р Маја Мојсова, раководилтел на КАРИЛ.

Во разговорот д-р Мојсова објаснила дека доктор од КАРИЛ бил повикан на консулатации додека пациентката престојувала на Клиниката за неврологија.

– Пациентакта била свесна, разговарала со лекарот. Немала епи-напади (епилетични напади). Напротив, јадела во креветот додека докторот од КАРИЛ бил да ја прегледа, изјави д-р Мојсова.

На прашањето за наводната лекарска грешка за која говорат блиските во семејството, д-р Мојсова вели дека семејството има право да поведе поставка во која ќе се утврди дали станува збор за грешка на лекарите.

– Родилката од болницата во Гевгелија била препратена на Клиниката за неврологија. Таму е лекувана според протоколите – вели д-р Мојсова.

Савиќ-Динева се породила на 29 јуни во Гевгелија, со царски рез и на свет донела здраво бебе. По три дена таа била пуштена дома заедно со бебето. Состојбата и се влошила додека била дома, добила грчеви, и повторно била однесена во болницата во Гевгелија. Од таму после некое време со возило на Брза помош ја пратиле на Клиниката за неврологија.

Неофицијално, причина за смртта е тромб или анеуризма. За официјално се чека извештајот од обдукцијата.

Инаку јавноста сеуште се сеќава на случајот со смртта на родилката Маја Кадиева токму во гевгелиската болница во октомври 2015 година.