Со забрана не се решаваат работите во животната средина, туку со регулирање и мониторирање и со интегрирана акција базирана на наука. Ова не е решение, ова е само популизам, рече заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули во однос на барањето итно да се изгласа закон за забрана на увоз на отпад што се користи како гориво. Макрадули исто така истакна дека РДФ што Цементарницата Усје го користи како енергенс не е опасен отпад и не е извор на аерозагадувањето како што се тврди.

-РДФ-от е неопасен отпад кој се добива од различни комбинации на отпад – комунален, индустриски, од текстил, од калта од пречистителни станици… Тие хемиски се обработуваат и се создава алтернативно гориво. Добро е државата да има свој погон што ќе произведува РДФ за да може да го контролира уште повеќе и посигурно. Тоа требаше да го направи Дрисла. За жал, тие не го исполнија договорот и една од обврските за да може од отпадот што го имаме да не се создаваат купишта, туку да се преработи и тој отпад да го нема, рече Макрадули.

Според него, неточни се тврдењата дека е забранет во ЕУ и посочи дека во цементарниците во Шведска и Норвешка РДФ се користи 60-70 отсто. Само во Србија било забрането, но не и во Хрватска, Чешка и во Албанија, посочи тој.

Дозвола за увоз на отпад кој се користи како енергенс имаат цементарницата Усје и ФЕНИ, но минатата година неа ја искористила само Усје. Во 2019 година, како што соопшти Макрадули, Цементарницата увезла 5000 тони РДФ.

Во врска со издвојувањето на камионите на Царина во Гевгелија од кои се земени примероци на отпад не е прв случај и дека Државниот инспекторат за животна средина и другпат правел вонредни контроли. Резултатите од примероците пратени на испитување во лабораторија во Естонија се чекаат за десетина дена.

Макрадули е категоричен дека најголем загадувач на воздухот е затоплувањето во домаќинствата и во јавните институции кои се греат на нафта, мазут и јаглен или со штетни материи како гуми. Единствено решение за намалување на штетните емисии и ПМ-честички, рече, е промената на начинот на греење и поврзување на гас или на топловодни мрежи.