Има повеќе причини зошто треба да се дозаврши ревизијата на учебниците, што е отпочната, заради тоа што во нив има не само цели навредливи реченици, ставови или слично, туку има и многу неточни работи кои се дефинирани со апсолутната вистина и тие треба да бидат отстранети, истакна денеска премиерот Зоран Заев.
Тој посочи дека не може точно да каже кога ќе заврши постапката за ревизија на учебниците и дека веројатно министерот за образование ќе може да даде точни објаснувања.
– Правиме една целосна промена на самите учебници, согласно нивното стареење заради нивна употреба, а со тоа сме рационални во средствата. Како тие се абат од користење ги вградуваме и новите уставни компоненти кои треба да ги има во самите учебници и тука се отстрануваат сите овие провактивни, навредувачки, па дури и неточни атрибути во самите ученбници, додаде Заев, одговарајќи на новинарско праѓање по промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“.
Министерот задолжен за имплементација на стратегијата за Ромите, Музафер Бајрам рече дека треба да се направи ревизија на учебниците, бидејќи, како што посочи, употребата на погрдни зборови е навистина многу лоша.
– Целокупното ромско население е навредено околу тоа. Се надевам дека со текот на времето ќе направиме една ревизија на учебниците и ќе го решиме тој проблем, додаде Бајрам.