Денеска православните верници го одбележуваат празникот на света великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, која се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.
Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.
Иако овој празник на црквата во календарот не е означен со “црвена буква”, но сепак е многу почитуван во црквата и меѓу народот.
Оваа Марина се роди во незнабожечки дом во Антиохија Писидиска. Со христијанството се запозна и се крсти на свои 12 години, по што доживеа да биде презрена од сопствените родители. Во времето на Диоклецијан, Олимвриј, царскиот намесник во Антиохија, кога слушна дека света Марина е христијанка, а пленет од нејзината убавина, првин сакаше таа да му биде жена. Кога таа одби, ја изведе на суд по секој пропис како христијанка. Света Марина беше цели два дена подложена на мачење и најпосле обезглавена. Поголем дел од нејзините мошти се наоѓаат во манастирот Света Марина, во областа Мала Преспа (македонските села во Албанија), каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.