Дали знаете дека со едно дарување крв може да спасите дури три човечки животи? И не само што ќе спасите нечиј живот, туку ќе си помогнете и себеси.

Знаевте ли дека од луѓето кои се во можност да даруваат крв, само 10% го прават тоа? Доколку спаѓате овде, тоа е одлично. А, доколку ви треба уште некоја причина да го направите тоа, придобивките од дарувањето дефинитивно ќе ве убедат.

Главниот поттик за дарување е помагањето на другите, но дарителите имаат и неколку други придобивки од ова:

Ќе се чувствувате подобро

Откако ќе дарувате крв, сигурно ќе се чувствувате подобро бидејќи знаете дека ќе помогнете некому. А, ова чувство има добро влијание врз вашето здравје – на пример, го намалува крвниот притисок.

Бесплатен преглед

Пред да дарувате крв, медицинските лица мораат да го проверат вашето здравје. Тие бесплатно ќе ги проверат вашиот крвен притисок, пулс, температура и ниво на хемоглобин.

Ќе дознаете дали сте анемични

Тестирањето за нивото на хемоглобин може да открие дали имате анемија. Анемијата е нарушување каде што во телото нема доволно црвени крвни зрнца. Бидејќи ова нарушување не е ретка појава, со овој преглед можете да го откриете навреме.

Ќе го намалите нивото на железо

Нивото на железо не е проблем за генерално здравите луѓе. Сепак, луѓето со хемохроматоза имаат високо ниво на железо во крвта, што може да предизвика штета во организмот. Според податоците, со секое донирање крв се „отстранува“ од 225 до 250 mg железо.

Ќе дознаете дали имате сексуално пренослива болест

Крвта што ја дарувате мора да се провери и за сексуално преносливи болести. Па, ова ви е уште една бесплатна проверка. Доколку добиете позитивни резултати за некоја болест, немојте да паничите. Во овој случај најверојатно ќе ве испратат на дополнително тестирање. Сепак, доколку се сомневате дека сте заразени со нешто, најдобро е да се консултирате со вашиот лекар.

Ќе дознаете дали имате други инфективни болести

Донираната крв се тестира и за хепатит, Зика и многу други инфективни болести. И во овој случај, ако добиете позитивен резултат, нема потреба од паника и направете уште едно тестирање.

Ќе го подобрите здравјето на срцето

Едно истражување покажало дека луѓето со хипертензија кои донирале крв 4 пати забележале намалување на крвниот притисок. Доказите од ова истражување не се цврсти, па ако имате проблем со висок притисок треба да се консултирате и со вашиот лекар.

Ќе согорите неколку калории

Можеби нема да ослабите, но со дарувањето крв дефинитивно ќе согорите неколку калории. Покрај тоа, после дарувањето препорачливо е да мирувате, па ќе имате цел ден за себе.

Ќе ја дознаете вашата крвна група

Ако прв пат дарувате крв, ќе ви кажат и која е вашата крвна група. Оваа информација може да ви користи во случај на несреќа или ако се бара дарител со одредена крвна група.