Собранието вечерва го усвои Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински отпад, во прво читање, со кои, според ресорниот министер Венко Филипче, ќе се обезбедат квалитетни лекови за граѓаните преку паралелен увоз.

Според Предлогот, за да добие одобрение за паралелен увоз одредена веледрогерија или здравствена установа до Агенцијата за лекови и медицински средства најпрвин мора да достави сертификат од анализа на квалитет на лекот од производителот кој ќе биде предмет на паралелен увоз, како и сертификат од анализа на квалитетот на лекот од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител на лекот или на земјата извозник на лекот.

– Сертификатот за квалитет на лекови кои се увезуваат преку паралелен увоз досега не беше задолжителен со закон, а како последица на тоа Министерството за здравство има приговори од здравствени работници и здруженија на граѓани во кои се наведува дека дел од лековите од паралелен увоз не се ефикасни, рече министерот за здравство Филипче.

Дали тоа значи и поскапи лекови за граѓаните, според досегашната практика на власта, сигурни сме дека е така, останува на народот да се увери во тоа во наредниот период, – посочија од ВМРО ДПМНЕ.