Од Иницијативата О2 обвинуваат дека постојат очигледни докази за незаконски дејства.

Нивниот Фејсбук статус го пренесуваме во продолжение

На 31 јануари, 2020 потоа и на 3 март, 2020 Општина Ѓорче Петров најави и објави снимки дека работи на санирање на дивата депонија во атарот на с.Ново Село. Според нивните зборови: „Со брзо темпо се елиминира 11 хектарската дива депонија во Ново село“. Дали темпово било толку брзо па во период од 2 месеци, за време на строги мерки заради пандемија, луѓето успеа по „санирањето“ да ја обноват или „елиминирањево“ било само за фотографирање? Фотографиите објавувени на социјалните мрежи, изминативе денови покажуваат сосема поинаква ситуација, а посебно загрижувачки е што се појави и снимка на која се гледа камион како истовара градежен шут на истава депонија, а сведоци тврдат дека камионот имал ознаки токму на општината Ѓорче Петров. На утринската програма „Ја сакам Македонија“ од 26.5.2020, во прилог снимен на истата депонија, советник во општина – Ѓорче Петров , Славчо Мисајлески го тврди истото: депонијата е оградена, но камиони сепак непречено исфрлаат шут!!. (https://www.facebook.com/SkopjeSmog/videos/566044261004848/)

Постојат очигледни докази за незаконски дејства, обвинувања, и повторно НИШТО.

Според Закон за управување со отпад, член 41, за одржување на јавната чистота: (1) Градоначалникот на општините и градот Скопје се должни да ја одржуваат јавната чистота и да постапуваат со напуштениот отпад на јавните и сообраќајни површини во урбаните средини и во неурбанизираниот простор на своето подрачје согласно со овој и друг закон.
Согласно член 24а од Законот за управување со отпад (Неконтролирано отстранување на отпадот: Забрането е оставање, фрлање, напуштање, спалување или неконтролирано отстранување на отпадот) надлежни за контрола се овластените инспектори ( за животна средина на општината и градот Скопје), кои пак треба да преземат мерки согласно член 139, став 4 од Законот за управување со отпад. Бидејќи тие се дел од локалната самоуправа, надлежни за нив се органите на самата локалан самоуправа како што и наведува и во член 41.

Член 137 Надзор на законитоста на работата на органите на општината

(1) Надзор над законитоста на работата на органите на општината, односно градот Скопје се заснова на начелото на законитост, одговорност и самостојност во остварувањето на нивните надлежности.
(2) Надзорот од ставот (1) на овој член го врши органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
(3) оценува дали градоначалникот на општините и на градот Скопје донеле акти за одржување на јавната чистота и постапуваат со напуштениот отпад на јавните и сообраќајните површини во урбаните средини и во неурбанизираниот простор на своето подрачје и го следи начинот на нивното спроведување (членови 22 и 41);

Постојат надлежности за контрола и спроведување во законот, но никој не ги спроведува – а за тоа сепак постојат и други институции кои требат да си ја вршат својата работа, и доколку не го сторат тоа, да одговараат за злоупотреба на службена положба.
– Дали овде има злоупотреба на службената позиција на градоначалник и одговорни лица во Општина Ѓорче Петров?
Дали функционира надзорот на Министерство за животна средина и просторно планирање над законитоста на работата на органите на општината, односно градот Скопје, во однос на одредби од законот за управување со отпадот, потфрлил?
Со пропуштањето да преземат мерки за спречување на загадување на воздухот, почвата и водата, институциите и одговорните лица предизвикале значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата, почвата и опасност за животот и здравјето на луѓето.

Дали покрај сите надлежни институции кои граѓаните ги плаќаат да се грижат за функционирање на законите и нивното спроведување е потребно сами да поднесуваат приватни тужби? Дали функционира институцијата Народен првобранител кога се загрозени основните услови за живот?

Слични вакви активности на создавање диви нови депонии има и во општина Гази Баба – околу гробиштата Камник, добро позната локација Вардариште се уште функционира – чади, иако според сите релевантни закони претставува дива депонија на чија санација се чека со години. Дивата депонија во Визбегово скоро 2 години непрекинато функционира, ни испраќа димни сигнали дека нелегалниот бизнис си цвета и во услови на полициски час. Очигледно системот е нефункционален за да се спроведуваат закони и ред, ама максимално функционален за оние кои не почитуваат закони и своите функции ги вршат несовесно, единствено затоа што нема одговорност, туку само префрлување на надлежности и толкување на законите на кој како му одговара.