Родителите на невакцинирани деца кои не се примаат во прво одделение се пожалија во Инспекцискиот совет. Тие бараат на неколку просветни инспектори да им се земе лиценцата за работа бидејќи ги дискриминирале децата со тоа што не им дозволиле да следат настава зашто немале картони за вакцинација.
Министерот за образование, Арбер Адеми рече дека Министерството ќе одговори на секое барање од Советот, но ја потсети јавноста дека на терен повторно ќе се врати вакцинацијата.
„Секој побаран материјал од нас ќе биде доставен. За друго постапување, ние ќе бараме информации за тоа кој и како постапил. Во тие училишта каде има потребно ќе обезбедиме вакцини на терен, тоа ќе го обезбедиме со цел предвидените законски обврски во Законот за образование да се исполнат и да се обезбеди право за образование за секое дете“-изјави Арбер Адеми, министер за образование.
Родителите кои се против вакцинирањето велат дека вакцината треба да биде право на слободен избор, а не услов за запишување во училиште. Организациите против вакцинирањето велат дека за ова ќе се жалат и во судот во Стразбур.
Според податоците на МОН, моментално 189 деца не се запишале во прво одделение поради тоа што не биле вакцинирани.