Појавата на приватната здравствена установа Адриалаб, денес Синлаб, пред речиси две децении, овозможи лабораториските услуги да станат подостапни за пациентите, но и за лекарите во земјава, особено оние во делот на примарната здравствена заштита. Оваа здравствената установа, која е и првата акредитирана медицинска дијагностичка лабораторија во земјава, со четири лаборатории во Скопје и по една во Битола и Тетово само лани опслужи речиси 250.000 пациенти и направи над 1,5 милиони анализи што е најдобар показател за големината, но и довербата која ја имаат пациентите во Синлаб. За тоа што значи да си дел од најголемата европска лабораториска групација, каква што е Синлаб Интернационал и какви предности носи за македонските пациенти, но и за анализите кои се најбарани, за специфичните анализи и потребата од скрининг тестови, зборуваме со м-р д-р Маја Тодоровска, управител на приватната здравствена установа Синлаб.
Приватна здравствена установа Синлаб Скопје е една од првите приватни биохемиски лаборатории и првата приватна микробиолошка лабораторија во државата. Почнавте пред речиси две децении како Адриалаб, а потоа станавте дел од групацијата Синлаб Интернационал ГмбХ со седиште во Германија, еден од најголемите европски провајдери на лабораториски услуги. Од оваа дистанца, какви промени, освен сопственички, се случија во работењето на лабораторијата?
Адриалаб започна со работа на 19 март 2001 година со само четири вработени од кои двајца лекари, но со претходно големо искуство во делот на лабораториски испитувања. Имавме само една лабораторија, во Кисела Вода во Скопје. Но, многу брзо се покажа дека овој чекор беше вистински потег бидејќи со нашата појава лабораториските услуги станаа подостапни за пациентите, но и за лекарите, особено оние во делот на примарната здравствена заштита, така што бројот на анализи кои ги правевме почна да расте. Дополнително, бројот се зголеми откако склучивме договор со Фондот за здравство кој покрива дел од трошоците за испитувањата. Притоа, првпат, потребите за ваков вид услуги во Скопје и околината ги покривавме со мобилни екипи.
Адриалаб во 2007 година стана дел од групацијата Синлаб Интернационал ГмбХ која отсекогаш била посакуван партнер за јавниот и приватниот сектор, кога станува збор за влез на нови пазари и развој на иновативна дијагностика. Со ова станавме дел од интернационалната мрежа на лаборатории што ни овозможи воведување нови производи и услуги и со тоа и ширење на нашата дејност. Имено, тогаш дојде и до стратешко размислување за потребата од ширење и надвор од Скопје. Денес Синлаб има лаборатории и во Битола и Тетово, а во Скопје бројот се зголеми на 4 – покрај онаа во Кисела Вода, дијагностички лаборатории имаме и во општините Центар, Аеродром и Карпош. На овој начин, со бази во три града, со мобилни екипи ја покриваме целата територија на земјава.
Во нашите лаборатории работи стручен и компетентен тим, кој со користење најсофистицирана опрема од висока технологија пружа високо квалитетна и иновативна медицинска лабораториска дијагностика за пациентите во земјава, но и пошироко. Во сѐ што правиме, фокусирани сме да испорачаме услуги со врвен квалитет за потребите на современата медицинска дијагностика и да бидеме избран партнер за пациентите и за професионалците во здравствениот систем.
Нашиот делокругот на работа подразбира интердисциплинарна работа во делот на издавање резултати, нивна интерпретација и повремено сугерирање на можностите за понатамошна дијагностика, сè со цел да се дојде до вистинска дијагноза и да се креира задоволство кај пациентите и верба во нашата работа. Работата во лабораторијата рефлектира вистински квалитет кога услугата ќе ги задоволи договорените барања со клиентите и кога резултира со оптимална ефикасност.
Вие сте првата акредитирана медицинска дијагностичка лабораторија во земјава. Што всушност значи акредитацијата која Синлаб ја има добиено уште во 2013 година?
Синлаб е акредитирана од Институтот за акредитација на РСМ, согласно стандардот ISO 15189:2013 и истата е гаранција за квалитетот на нашите услуги. Дополнително сме сертифицирани преку надворешна контрола на квалитет од INSTAND e.V., Германија и BIO-RAD, САД. Акредитацијата и сертифицирањето во секој случај гарантираат високо ниво на квалитет на услугите и доверливост во резултатите. Меѓутоа, гаранција за нашата работа не е само акредитацијата. Фактот дека сме дел од една голема групација каква што е Синлаб Интернационал ГмбХ, која е број 1 провајдер на лабораториски услуги во Европа, присутна во над 40 земји на 4 континенти, со комплетна понуда на лабораториски услуги за хумана медицина, ветерина и животна средина, е дополнителна гаранција за нашиот квалитет. Тоа значи дека ги почитуваме стандардите за работа поставени на ниво на групацијата, и дека методите, реагенсите и другите материјали кои ги користиме за нашите испитувања се сличен или ист квалитет, како на пример во Германија или Австрија или која било друга земја каде што е присутен Синлаб.
Кои анализи, односно услуги се најбарани во Синлаб?
Во делот на биохемиски анализи најбарани се оние за кои Синлаб има договор со Фондот за здравствено осигурување на РСМ и тие претставуваат речиси 75% од вкупниот број услуги. Тоа се анализите кои се потребни на ниво на примарна здравствена заштита, што значи проверка на диференцијална крвна слика, шеќер и маснотии и основни анализи за проверка на функцијата на бубрезите, црниот дроб и слично. Од микробиолошките испитувања најчести се бактериолошки преглед на брисеви од нос, грло и урина. Но секако расте и бројот на други специфични испитувања за утврдување на одредени состојби, како на оние за интолеранција на храна, пренатален скрининг во бременост, витамини Д и други испитувања поврзани со превенција и унапредување на здравјето. Во 2019 година Синлаб во земјава имаше речиси 250.000 пациенти, односно има направено над 1,5 милиони анализи што е најдобар показател на нашата големина, но и на довербата која ја имаат пациентите во Синлаб.
Дали граѓаните се доволно информирани дека преку испитувања во крв и други биолошки примероци можат да се утврдат низа болести или состојби во организмот кои можат да бидат индикатор за потреба од дополнителни прегледи или терапии?
Информираноста расте, но веројатно не е задоволителна. Многу граѓани не знаат дека постојат испитувања во крв, урина и други биолошки примероци кои се сметаат за скрининг тестови, односно испитувања кои имаат дијагностички потенцијал за проценка на здравјето на различни органи и органски системи. Скрининг тестовите можат да постават сомнение за одредено нарушување за кое има потреба од дополнителни дијагностички процедури. Тоа е начинот на превенција и рана дијагноза на болести за кои доколку се дијагностицирани во рана фаза постојат успешни протоколи за лекување. Проблемот е што ваквите испитувања најчесто се прават кога веќе ќе се појават симптоми и знаци на болест, со што се намалува можноста за превенција и рана дијагноза, односно навремено лекување.
Дали имате барања за вршење испитувања кои не се работат во седиштето и регистрираните подружници на Синлаб во РСМ? Каде тие се вршат?
Да, имаме барања за специфични и ретки анализи. Токму во тоа лежи предноста да се биде дел од ланецот на Синлаб Интернационал. Хуманиот материјал од нашите пациенти за специфични и ретки анализи кои не се работат во седиштето и регистрираните подружници на Синлаб во РСМ, го праќаме во реферални лаборатории во рамките на Синлаб групацијата во ЕУ, кои ја поседуваат потребната технологија, искуство и компетенции за широк спектар иновативни дијагностички тестови.
Кој се ги користи вашите услуги. Дали само физички лица или имате соработка со други здравствени организации?
Најбројни корисници на нашите услуги секако се приватни физички лица. Меѓутоа, остваруваме соработка и со лекарски ординации, поликлиники, болници, медицински и истражувачки лаборатории, компании и друго бидејќи нашиот спектар на услуги може да задоволи најразлични потреби на нашите клиенти. Ние се стремиме да испорачаме најширока палета на услуги со врвен квалитет за потребите на современата медицинска дијагностика и да бидеме избран партнер за професионалците во здравствениот систем и пациентите во регионот.
Во 2015 година Синлаб холдинг се фузионираше со францускиот Лабко, уште една голема европска лабораториската групација. Дали и какви промени донесе ова спојување?
Со ова фузионирање на два големи европски ланци се доби уште помоќен европски провајдер кој работи под името Синлаб и кој денес е број 1 провајдер на лабораториски услуги во Европа, а и во светски рамки е еден од 5те најголеми лабораториски ланци. Да бидеш дел од еден ваков гигант во нудење лабораториски услуги е исклучително значајно и за нас кои сме дел од Синлаб во земјава, но и за нашите пациентите. За нас тоа значи можност за едукација, следење на најновите светски трендови и стандарди во лабораториската дејност и нивна примена и во земјава. Од аспект на пациентите, тоа создава простор новините во лабораториската дијагностика да бидат достапни и за нашите клиенти, со што и Северна Македонија е дел од мапата во која Синлаб се стреми кон единствена цел, а тоа е секаков тест, на секое место, во секое време.