Професор Доктор Драган Даниловски во изјава за македонските електронски медиуми посочи дека конечно граѓаните ќе можат поопуштено да се посветат на празнувањата. Причината, како што објаснува тој, е тоа што иако коронавирусот е присутен, циркулира со многу помал интензитет отколку претходно. Тој апелира, повозрасните граѓани кој се најподложни на ризици, да продолжат да носат маски во гужвите околу и во храмовите за време на празникот.

Според Проф.Даниловски, по празниците можно е да се дојде до благо зголемување на бројот на нови случаи, но тоа не ќе може да влијае на влошување на епидемиолошката ситуација во земјата.

– Уште од 7 март се наоѓаме во т.н. зелено (ниско) ниво на ковид-19 во заедницата, според критериумите на Центрите за контрола на болести на Америка (ЦДЦ), објавени на 4 март. Тие имаат воспоставено три нивоа – ниско, средно и високо (или зелено, жолто и портокалово), со комбинирање на три параметри: бројот на нови хоспитализации во изминатите 7 дена на 100.000 население, процентот на зафатени болнички кревети со ковид пациенти и бројот на нови случаи во изминатите 7 дена на 100.000 население. Новите хоспитализации и процентот на зафатени болнички кревети го претставуваат моментниот потенцијал за оптоварување на здравствениот систем, објаснува епидемиологот Даниловски.