Здружението на приватни матични гинеколози го открива последниот договор со фондот за здравство. За еден преглед место 50 денари лекарите ќе добиваат 55 денари, а третманот на бремени жени се зголемува од 50 на 110 денари. Барале повеќе, но другата страна се ценкала, вели првиот човек на здружението на приватни матични гинеколози според кого фондот на подадена рака ги изиграл гинеколозите.

Лекарите кои на повик породуваат во породилиштата во внатрешноста за секое донесено бебе на свет од сегашните 1440 денари ќе добијат бонус од 5000 денари. Проблем според Душко Филиповски е што се помалку бебиња се рааѓаат во државата или само 22,000 во изминатата година низ целата држава.

Понатаму, Филиповски вели дека старосната граница на гинеколозите во Македонија надминала 55 години. Во еден случај во Охрид приватен гинеколог добил одобрување од фондот да продолжи со дејноста, но матичната болница одбила да му го продолжи договорот за закуп на просторот.

Цели општини, населени места и градови немаат гинеколог на располагање. Бројот на запишани студенти не е драстично намален, а прашањето е како идните дипломирани лекари да се задржат во земјава со овие минимални финансиски додатоци од државата кога земјата ја напуштаат за тројно повисоки плати во западно европските земји укажува Филиповски со заклучок дека за помалку од 10 години во Македонија нема да има ниту еден гинеколог, ниту во јавното, ниту во приватното здравство.