Жителите на Крушево имаат најмали можности за здравствена заштита, додека можностите за здравствената заштита во Скопје се на врвот на ранг-листата, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Во однос на здравствената заштита на деца од 0 до 6 години, Виница е на прво место, додека најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје. Во делот на служба за општа медицина, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово, во сите по околу 1100 жители на една ваква служба.

Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња – велат од Центарот за граѓански комуникации.


Фото: Центар за граѓански комуникации

На врвот на листата, покрај Скопје се и Битола и Штип, сите со сличен степен на здравствена заштита што можат да ја добијат нивните жители. Во горниот дел од листата се наоѓаат уште 8 други градови – освен Виница, сите исто така големи градови: Кавадарци, Велес, Тетово, Прилеп, Куманово, Струмица и Струга.

На дното се наоѓаат помалите градови. Последно е Крушево, каде можностите за здравствена заштита се неколкукратно помали отколку во кој било друг град во земјава. Покрај Крушево, со многу мали можности за соодветна здравствена заштита се и жителите на Крива Паланка, Валандово, Македонски Брод и Кратово.

Број на деца на една служба за здравствена заштита

Еден од индикаторите со големи разлики меѓу градовите, од Центарот за граѓански комуникации велат дека е број на деца на една служба за здравствена заштита на деца од 0 до 6 години.

Овде најдобро стои Виница каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Спротивно, најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје каде една ваква служба има на повеќе од 3.000 деца на оваа возраст. Шест градови имаат ваква служба, но во неа нема лекари и мораат да патуваат во други градови за ваква услуга – покажуваат податоците од истражувањето.


Фото: Центар за граѓански комуникации.

Број на жени на една служба за здравствена заштита

Слична е и состојбата со број на жени на една служба за здравствена заштита. Најдобро стои Берово со 1.388 жени на една ваква служба, додека најлоша е состојбата во Прилеп каде една ваква служба „покрива“ дури 36.000 жени. Три градови воопшто немаат ваква служба, односно гинеколог.


Фото: Центар за граѓански комуникации.

Еден од најзначајните параметри за можностите за здравствена заштита е бројот на жители на една матична ординација, односно на една служба за општа медицина. Овде, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово – во сите по околу 1100 жители на една ваква служба. Спротивно, најлошо стојат Гостивар и Кичево со два и пол пати полош „скор“, односно Гостивар со околу 3000 жители на една матична служба и Кичево со повеќе од 2700 жители на една ваква служба.

Кога станува збор за број на здравствени работници, главно медицински сестри на еден лекар во секундарната здравствена заштита, најдобро стои Македонски Брод со 3 здравствени работници по лекар, додека најлошо стои Виница само со 0,7 сестри на еден лекар. Стандардот во оваа област е 2 сестри на еден лекар во секундарната здравствена заштита.


Фото: Центар за граѓански комуникации.

Истражувањето на степенот на здравствена заштита е направено врз основа на 22 одделни индикатори, избрани по спроведени консултации и анализа, како основни и релевантни за целта на истражувањето За изворни вредности на индикаторите се користени податоците од публикацијата „Здравствена карта на Република Северна Македонија 2021 година“ на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. За да се добие попрецизно рангирање на градовите, дел од вредностите се сведени по жител, а потоа сите вредности се индексирани – се вели во соопштението.

Крајното рангирање е направено врз основа на композитен индекс од сите 22 индикатори.