Според одредени информации матичните стоматолози од Охрид денеска јавно го изразија нивното несогласување со новиот договор што им е понуден од Фондот за здравство, притоа истакнувајќи дека сметаат дека е штетен како за нив, така и за пациентите. Тие бараат зголемување на буџетот за примарната стоматологија што изнесува помалку од вкупниот буџет за здравство или четвртина од буџетот наменет за општите матични лекари.
· Револтот го искажуваме заради катастрофалната состојба на стоматолошката фела, чија просечна плата изнесува 15 илјади денари. Бараме отпочнување преговори за промена на подзаконската мрежа и усогласување на Договорот со законските одредби на Законот за здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита. Истовремено бараме одложување на потпишувањето. Продолжувањето со работа ќе следи со потпишување анекс на постојните договори за здравство.мк порача д-р. Мирјана Ангеловска.
За состојбата во која се наоѓаат општите матични стоматолози зборуваше нејзината колешка Трајческа нагласувајќи дека истата е исклучително неповолна, најмногу поради неправилната поделба на средствата од буџетот предвидени за финансирање на примарната здравствена заштита.
-Ние сме во многу тешка финансиска состојба, немаме доволно средства за нормална работа. Расходите многу големи, приходите мали, пациенти нема доволно за покривање на тековните трошоци, истакна таа.
Матичните стоматолози од Охрид уште нагласија дека јавноста треба да биде запознаена оти нивниот капитациски бод е далеку помал од оној предевиден за лекарите по општа медицина, притоа забележувајќи дека воведувањето на новите „токени“ за пријавување на пациенти значат дополнително финансиско оптеретување за нив.
· Наша заложба е да се определи основен пакет за општата стоматолошката фела, што ќе овозможи минимум средства за тековно работење на една ординација на матичните општи стоматолози порача Трајческа.
Општите матични стоматолози од Охрид најавија дека доколку не биде излезено во пресрет на нивните барања, ќе преземат порадикални мерки како протести на национално ниво, па и судско оспорување на Договорот оттаму што сметаат дека е противзаконски.
На територијата на Општина Охрид моментално има 140 стоматолошки ординации, од кои 55 имаат склучено договори за работа со Фондот за здравствена заштита.