Министерството за здравство да изврши проверка во сите здравствени установи во државава и да каже колку МРП вакцини со декларации со истечен рок биле употребени врз пациенти и дали има пријави за какви било штетни последици. Вакво барање доставило јавното обвинителство до здравствените власти. Ако имало некакви невообичаени последици кај децата што ја примиле вакцината, министерството за здравство треба да обезбеди податоци кај кои пациенти било тоа, во кои Здравствени домови, како и да ја предаде нивната целокупна медицинска документација на јавниот обвинител.
Освен тоа обвинителството во рамки на истрагата што ја отвори по допрен глас, наредило да се направи и вештачење за исправноста на спорните вакцини.
– „За да може да се спроведе постапката за вештачење, од МВР е побарано да овозможи пристап до карантинот во фирмата „Македонија лек“, каде што се чуваат повлечените вакцини кои ќе бидат предмет на испитување.“ – изјави Основно Јавно Обвинителство.
Фотографија од МРП вакцина со декларација со истечен рок, објавена од страна на граѓанин на Фејсбук, ги поттикна инсистуциите да направат контроли, кои потоа открија дека во државава се дистрибуирале над 600 вакви вакцини. Притоа, ниту еден здравствен работник не ја приметил грешката. Иако министерот за здравство најави, одговорност не понесе ниту една од здравствените установи кои без да забележат и да реагираат, ги примиле и ги аплицирале спорните вакцини на деца.
Фирмата што ги дистрибуираше МРП вакцинините тврдеше дека само декларациите се грешни, а вакцините се исправни и се извини за грешката. Истата фирма доби дел и од новиот тендер за набавка на вакцини во следните две години. Во меѓувреме расте бројката на заболени од мали сипаници.
Епидемија на мали сипаници, освен во Скопје прогласена е и во Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга. Од почетокот на епидемијата досега вкупно 850 лица се разболеа, а поради компликации од болеста починаа 3 деца