“Постапката е во тек.Се очекува да заврши во брзо време.Односно, да помине управната контрола.Нема потреба за грижа, пацинетите ќе ја добијат потребната терапија” вели директорот на неврологија Висар Мифтари.

Но проблемот на болните со мултипла склероза не е само недостигот на терапија. Пациентите се жалат дека се приморани да патуваат по три часа до Скопје за да си ги подигнат лековите, затоа што терапиите ги има само на клиниката за Неврологија.

Лицата со МС бараат навремена дијагностика и современ третман со нови лекови.

Доцнењето на терапии поради тендерски процедури е проблем заради кој Здруженијата на пациенти бараат нешто да се смени во системот на набавки. Најпогодени се пацинетите со ретки болести.

Со мултипла склероза секоја година се дијагностицираат нови од 90 до 120 пациенти. Станува збор за хронична и прогресивна болест на централниот нервен систем. Во Македонија боледуваат околу 1.500 луѓе. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и за околу два-три пати почесто се дијагностицираат кај жените во однос на мажите. Причината за МС сѐ уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на овие лица и да ја стават болеста под контрола.