Документ со кој се потврдува дека лекар во Општата болница во Дебар работи со Договор на дело за само 15 000 денари, се појави вечерва на социјалната мрежа Фејсбук. Документот го споделија од Здружението на лекари специјализанти ЗЛС, а потоа и од Асоцијација на специјализанти и млади лекари, од каде потврдија дека се работи за веродостоен документ.
Кратко откако го објавија документот од здруженијата потврдија имаат дозвола од лекарот да се објави за која болница станува збор. Велат имаат информација дека таму неколку лекари(најмалку двајца) работат со Договор на дело за сума од 15 000 денари, без платени придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
„Станува збор за Јавна здравствена установа, Општа болница во Дебар која не смее да си дозволи да функционира со лекари со Договор на дело. Ако имаат недостог од медицински кадар, нека ги вработат, а не да ги злоупотребуваат избегнувајќи да плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување“, велат во ЗЛС.
Дознаваме дека работните обврски на лекарите им почнуваат во 08 и траат до 16 часот, а ги извршуваат како и останатите вработени доктори во болницата , дежураат, ги викаат на повик за транспорт на пациенти и после работното време. Дневница кога се работи за транспорт на ургентни пацинети до Скопје изнесува 400 денари, а до Охрид 200 денари.
Со ова, уште еднаш се рефлектира незадоволството на лекарите од лошите услови и немањето слух за младите доктори кои се повеќе се насочени да заминуваат на работа во странство.
Со ваков третман на докторите ништо чудно што има одлив на медицински кадар од државата, каде ви е осетот за манаџирање или отупел, не сте го имале или не се сеќавате како треба – прашуваат докторите со кои разговаравме, упатуваат прашање до власта и актуелниот министер Филипче?