Министерот за здравство Филипче не знае како се случило младата докторка во болницата во Дебар да биде вработена со договор на дело и да добива плата од 15 илјади денари, без платени придонеси. Побарал објаснување од директорот на болницата во врска со целиот случај кој ја разбранува јавноста и најмногу ги разгневи токму младите лекари специјализанти кои застанаа во нејзина одбрана.
Министерот е сигурен дека во иднина ќе ги мотивира специјализантите да работат во земјава – со петстотини евра плата во здравствените домови. Но, од друга страна, матичните лекари ги критикуваат тие политики и бараат висока плата и за оние поискусни лекари, за да може да се каже дека добро функционира целиот здравствен систем.
На ова се надоврзаа од Здружението на матични лекари со прашањето – како е возможно матичните лекари коишто работат во помали места, а имаат повеќе децении стаж – да бидат исто платени како и младите лекари почетници.
Прашањето за платите на специјализанти повторно се актуелизираше деновиве. Случајот со докторката во Дебар ги крена на нозе и здруженијата и асоцијациите на младите лекари, коишто на социјалните мрежи реагираа и прашаа како да останат да работат во земјава ако се платени малку.