Мајка на третоодделенка во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ вели дека веќе шест недели нема настава по предметот англиски јазик

Родители на ученици во основни училишта во Аеродром реагираат дека од оваа учебна година учениците немаат ученички униформи, дека сè уште нема обезбедување, а недостига и кадар по некои предмети. Мајка на третоодделенка во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ вели дека веќе шест недели нема настава по предметот англиски јазик.

– Секоја недела од училиштето ни велат дека наредната недела ќе дојде нов наставник. Но треба да се има предвид дека тоа се мали деца и се прашувам кога ќе надоместат сè што досега пропуштија. Децата ги носиме приватно на курс, но сепак не е во ред да немаат редовна настава по предметот. Освен тоа, нè тераат на децата да им ги облекуваме старите униформи од лани бидејќи нови годинава нема – вели мајката.

Директорот на училиштето, Тони Димов, за „Деца.мк“ признава дека има проблем во врска со овие прашања. Тој објаснува дека наставничката по англиски јазик заминала во пензија и дека се чека деновиве да почне наставата со нова наставничка.

 

– Чекавме одобрение од Министерството за информатичко општество и администрација за ново вработување. Знаете дека има процедури кои го одолжуваат процесот. За ново вработување потребни се согласности и од Министерството за образование и наука и од градоначалникот, па затоа малку се доцни. Во врска со униформите, тоа е општинска работа, наводно тендерот за избор на фирма што ќе обезбедува униформи е доцна објавен – појаснува Димов.

Тој додава дека иста е и ситуацијата со обезбедувањето, односно дека во училиштето сè уште нема обезбедување, иако лани сè било во ред.

– Исто така, чекаме и учебници по некои предмети. Ова се работи што не зависат од мене како директор – вели директорот.

Од Општината информираат дека од денеска ќе почне дистрибуцијата на униформи за учениците.

– Според најавите, утре училишна облека ќе добијат децата во „Гоце Делчев“ и во „Димитар Македонски“. Што се однесува до наставата по англиски и по германски јазик, таа ќе биде реализирана согласно законските одредби од Законот за основно образование и се чека позитивен одговор за преземање наставен кадар – велат во Општината.