Јапонските јаболка во последните години се „вдомија“ и на нашето поднебје и веќе можеме да ги пронајдеме во многу дворови низ Македонија.

Но, дали знаевте дека има различни видови и дека можете да ги користите дури и за подготвување десерти?

Генерално, јапонските јаболка зреат во доцна есен и рана зима. Има два вида – киселкасти и трпкави и благи и нетрпкави. Многумина не ги сакаат бидејќи не можат да проценат кога се целосно зрели и подготвени за консумирање.

Откако ќе се наберат, потребно е да отстојат за да омекнат доволно за да може да се јадат. Според одгледувачите, ако сакате побрзо да омекнат, чувајте ги со друга овошка. Нетрпкавите видови може да се јадат и кога не се целосно омекнати. Нивниот вкус е благ и интензивен, а некои дури и го споредуваат со чоколаден пудинг.

Зрелите плодови изобилуваат со витамини А, Б1, Б2, Ц, но и со јод, калциум, магнезиум, цинк, железо и т.н. Од нив може да се подготвуваат филови за торта, џемови, желеа, но и да се додаваат како засладувач во смути или колачи.