Јавно-приватно партнерство на лабораториите со реагенси: Мерка за заштеда или обид за криминална активност?

Здравствените власти најавуваат дека е можно јавно-приватно партнерство на лабораториите со реагенси. Министерот Филипче, во присуство на Заев, оваа идеја ја правда со тоа дека во земјава има многу центри…

Здравствените власти најавуваат дека е можно јавно-приватно партнерство на лабораториите со реагенси.

Министерот Филипче, во присуство на Заев, оваа идеја ја правда со тоа дека во земјава има многу центри кои што нерационално ги трошат реагенситe.

-Сакаме да направиме заштеда таму каде што може. Ова е поле каде анализите покажаа дека може да се направи заштеда во сума од пет, шест, седум милиони евра затоа што имаме центри кои навистина нерационално ги трошат реагенсите, а тоа се на некој начин нерационално потрошени пари, истакна министерот.

Најавува дека бројот на лаборатории нема да се намали, туку ќе се намали типот на анализа.

Ваквите конфузни најави Филипче ги поткрепува со тезата дека ваков проект особено ќе им помогне на пациентите од помалите места во земјата.

Но, се уште не знае кога би се остварил планот.

Неговите најави наидуваат на критики од познавачите на состојбите.

Игор Николов, доцент на Медицинскиот факултет овие најави ги оценува како очајнички обид на власта во заминување да направи било што кое ќе го претставува како реформа.

-Всушност, ова претставува криминална активност пред паѓање од власт. Покажаа дека немаат капацитет никаква форма на јавно-приватно партнерство да спроведат, освен капацитет за криминогено јавно-приватно партнерство кое што резултира со одлив на стручните лица од јавното здравство, губење на капацитетите од јавното здравство и обид за лични богатења на нивни блиски луѓе. Јавно-приватно партнерство  се прави со детални анализи, со детални испитувања,  со студии кои ќе потврдат дека е јавно приватно партнерство, има закон за јавно-приватно партнерство, има Комитет за јавно-приватно партнерство, оценува Николов во изјава за КУРИР.

Според членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, ова се само избрзани чекори на власта во заминување.

-Апелираме до сите членови на различни комисии, одбори, управни одбори кои се на било кој начин вклучени или под притисок да бидат дел од ваквиот криминален тип на јавно-приватно партнерство кое Зоран заев на заминување се обиде да го спроведе, да бидат внимателни, да не потпаѓаат под притисоци да потпишуваат некои документи кои ќе донесат штета на јавното здравство затоа што сите процеси и процедури ќе подложат на иследување со новата техничка Влада и со новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, порача тој во изјава за КУРИР.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната трибина со здравствените работници, Филипче појасни дека концептот е да има централни лаборатории во кои ќе бидат достапни сите анализи.

-Бројот на лаборатории нема да се намали, туку ќе се намали типот на анализа која се прави во малите лаборатории. Сега се отвора едно пакување за скапа анализа во некој центар каде има само еден -двајца пациенти, а тоа пакување може да анализира сто пациенти. Тука планираме да направиме заштеда, рече Филипче.

Никакво истражување за оваа идеја на Филипче не е ставено на очиглед на јавноста. Помпезните најави засега се само шпекулирање од страна на надлежните за тоа како во иднина ќе функционираат медицинските лаборатории во земјава.

Со овие можни промени поврзани со лабораториите се тангираат буџетите за следната година.


Related Articles