Зелениот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) на кој се засадени 3.656 дрвја од преку 60 видови беше отворен денеска по неколкумесечна работа на Градот Скопје заедно со ГТЦ во рамки на меморандумот за соработка со УНДП за отпорен град.
– Конечно го ставивме во употреба новиот квалитетен јавен простор на скопјани, простор кој полека ќе си го заземе своето место во т.н. „скопски приказни”, тука ќе се раѓаат убави спомени за нашите сограѓани, рече денеска на отворањето на покривот, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Тој вели дека според истражувањата што ги направиле, температурата на покривот ќе биде меѓу 16 и 22 степени помала од тоа што вообичаено била.
Во однос на кафетеријата што требаше да се изгради на покривот на ГТЦ, Шилегов посочи дека поради предизвиканите контраверзии работеле по проектот што бил усвоен, но управувањето со нов деловен простор е работа на ГТЦ.
– Управувањето со нов квалитет евентуален на нов деловен простор е работа на ГТЦ и оди по законски прописи. Ако ГТЦ одлучи да постави таков тип на дополнителна вредност на овој кров тоа ќе биде веќе нивна проблематика и ќе оди во рамките на деловното работење на самиот трговски центар. Вкусови се во прашање, рече Шилегов.
Тој рече дека сумата за зелениот покрив од околу 550.000 евра не е надмината, а во таа цена надвор од зеленилото се вклучени и градежните и излолациските работи, додавајќи дека на инсистирања на јавноста се направила адаптација на самиот проект.
Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан рече дека иницијативата за изградба на овој зелен покрив не била само за да креираат убаво зелено место, туку имала широко значење односно анализата на жешките урбани острови покажала дека ГТЦ е едно од најжешките локации во Скопје.