Погледнете ги состојките на пакувањето на шампонот, на пастата за заби или на путерот од кикирики и најверојатно ќе најдете палмино масло кое може да се крие под различни имиња. И тука се појавува прашањето дали е тоа здрава состојка или не.
Палминото масло е вид растително масло за јадење направено од плодовите на палмите кои обично успеваат во топли, тропски прашуми. Дури 85 % од палминото масло во светот доаѓа од Индонезија и од Малезија. Маслото се добива со цедење и со варење на месестиот дел од плодот на палмата. Палминото масло има околу 200 други алтернативни имиња, вклучувајќи ги палмат, палмолеин и натриум лаурил сулфат.
Палминото масло се наоѓа во храната и во козметичките производи. Во храната најчесто го има во нудлите, во маргаринот, во сладоледот и во путерот од кикирики, а во козметичките производи најчесто го има во шампоните и во кармините. Палминото масло ги подобрува текстурата и вкусот на производите, го спречува нивното растопување и го продолжува рокот на траење. Ова масло е без боја и без мирис, што значи дека не ги променува производите во коишто е додадено.
Дали палминото масло е штетно за вашето здравје?
Една лажица палмино масло (14 грама) содржи 114 калории и 14 грама масти (7 грама заситени масти, 5 грама незаситени масти и 1,5 грама полинезаситени масти). Исто така, ова масло содржи 11 % од препорачаната дневна доза на витамин Е. Витаминот Е кој се наоѓа во палминото масло се нарекува токотриенол и има моќни антиоксидантни својства што можат да го одржуваат здравјето на мозокот. Иако палминото масло не содржи трансмасти, сепак содржи многу заситени масти, што значи дека може да го подигне нивото на холестеролот и на триглицеридите, а тоа ја зголемува веројатноста за појава на срцеви заболувања. Во принцип, палминото масло е поздраво од некои други масла за готвење, но не е толку здраво како маслиновото, кокосовото и лененото масло.