Обвинителството ќе го провери потеклото и процедурата на уништување на инсулинот од страна на здравствените власти, по низата обвинувања на адреса опозиција – власт. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело ќе се постапи согласно надлежностите што ги имаат, велат од обвинтиелството за ТВ 24.
Опозицијата пак денеска презентираше пред јавноста официјален документ од инспекциски надзор што го направила Агенцијата за лекови во 2017-та, а кој покажува дека инсулинот што го уништиле здравствените власти пред неколку дена бил со добар квалитет. ВМРО ДПМНЕ се сомнева дека Министерот Филипче намерно уништува инсулин со валиден рок за да може да мести тендери за фирми блиски до власта.
„Ова известување на Агенцијата покажува дека Венко Филипче лаже кога тврди дека порано е набавуван инсулин со сомнителен квалитет. Ова е непобитен доказ дека е уништен здрав инсулин. Ова отвора сомнеж дека владата и Филипче уништиле здрав инсулин за да има нов тендер каде добитник ќе биде компанија блиска до власта.“ изјави Наум Стоилкоски – Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
И додека од опозицијата тврдат дека инсулинот бил набавен од оваа власт, министерот Филипче тврди дека станува збор за последните количини на инсулин набавени од времето на ВМРО ДПМНЕ преку паралелен увоз, без сертификат за квалитет од производителот кој не гарантирал дека лекот бил правилно транспортиран и дистрибуиран до пациентите.
„ВМРО-ДПМНЕ конечно го покажа вистинското лице дека здравјето на граѓаните им е на последно место застанувајќи во одбрана на последните количини на инсулин со паралелен увоз….Тој инсулин е без сертификат за квалитет од производителот и за кои што производителот Новонордиск од Данска не гарантира за квалитетот заради тоа што не се пратат редовните постапките за спроведување на целосниот ладен ланец при транспорт на инсулинот овде до земјава, ние како одговорна Влада направивме измени во законот и сега сите лекови имаат сертификати со кои се гарантира квалитетот.“ – изјави Венко Филипче – Министер за здравство.
Министерството за здравство тврди дека уништувањето на овие количини на инсулин нема да предизвика недостаток од лекот за пациентите со дијабет.
Дали Владата на ВМРО ДПМНЕ набавувала сомнителни инсулини или пак Владата на СДСМ намерно уништува инсулини за да меести тендери за фирми блиски до власта? Двете најголеми политички партии и натаму се препукуваат во лов на дневно политички поени и тоа на грбот на пациентите со дијабет.
А кој ќе одговара за сомнителниот инсулин кој што се носел во државава и се давал на пациенти – одговори нема.
Здруженијата на дијабетичари пак соопштија дека се задоволни што веќе нема паралелен увоз на инсулин и што и последните количини се уништени, но истовремено порачаа да престанат политичките превирања, поради тоа што станува збор за голема група на пациенти меѓу кои има и деца.